MK AL EN
ИНСТИТУТ ПО БЕЛОДРОБНИ ЗАБОЛУВАЊА КАЈ ДЕЦАТА - КОЗЛЕ

Историја на болницата


Со одлука на Советот за народно здравје на НРМ во месец феврурари 1952 година е формирана специјална детска болница за белодробни заболувања.Оваа болница со својата работа започнала на 02.06.1952 год. организирана во старите адаптирани згради на поранешниот родилен дом.

Во првиот дестгодишен период од нејзината работа е извршено спојување со лекувалиштето “ Здравје” кое што се наоѓало на падините на планината Водно.

Основач и прв управник на оваа установа-Прим. д-р Климентије Милошевиќ.

Во првиот 10-год. период, капацитетот од 95 постели се зголемил на 190 и во неа биле лекувани исклучително болни деца од туберколоза.

По земјотресот во 1963год, болницата била привремено преселена во Вранска Бања.

Со помош на Владите и хуманитарните организациии на Норвешка и Шведска, како подарок на Скопје, на падините на планината Водно се изградила нова модерна болница од монтажен павилјонски тип со 5.000м2 покриена површина, составена од 4 основни градежни целини(дрвена градба), сите функционално поврзани во еден комплекс и со капацитет од 200 кревети.

Новата болница започнала со работа на 25.12.1965 година.

Подобрената епидемиолошка состојба на туберколозата во Македонија, покрај туберколозата, наметнала и лекување на деца болни од акутни и хронички белодробни заболувања.Голема стручна и техничка помош во работата на бoлницата дале милосрдните сестри кои работеле во болницата од нејзиното основање.

Болницата ја проширила дејноста и се засилувала кадровската база(7 лекари: пневмофтизиолог и педијатри и медицински сестри), се во интерес на здраствената заштита на младата популација.

ВО 1970 година се формирани-Бронхолошки кабинет и Кабинет за функционални респираторни испитувања.Тоа се први вакви единици во една педијатриска установа во Македонија.

Во месец ноемви 1971год, Специјалната детска болница добива нов управник-Проф. д-р Душан Теодосиевски, педијатар.Од тој период болницата се преобразува во современа институција за детски белодробни заболувања со доминатно ангажирање во дијагностиката и третманот на акутните, рецидивните и хроничните пневмопатии.Беа поставени посебни задачи и цели на работата, се зголеми бројот накадрите, се поставија основи за додатни испитувања и третмани, се осовремени дијагностичката и терапевтската апаратура, а организацијата на дејноста се менува во однос на пневмолошката патологија од која се лекуваат болните.

Во месец мај 1972год. оваа установа е назначена за Наставна база на Медицинскиот факултет-Скопје, Универзитет “Св.Кирил и Методиј”.

Во 1974 год, регистрирана како Детска пневмофтизиологија, ООЗТ при Градска општа болница-Скопје, со два основни тракта за хоспитализирани болни( 1-туберколоза и 2-неспецифични белодробни заболувања).Истата година е опремена и започна да работи -Единицата за интензивна нега и терапија.

За особен придонес во пружање на здраствената заштита на децата во 1979 год. сосема заслужено, ООЗТ Детска пневмофтизиологија-Скопје ја доби наградата “13 Ноември” на град Скопје.

Со решение на Министерството за здраство на РМ-со надополнивање на дејноста, Детска пневмофтизиологија-Скопје, во месец септемри 1992 год., е пререгистрирана во Институт за белодробни заболувања кај децата, ООЗТ на Градска општа болница-Скопје, претставувана од директорот на Институтот -Проф. д-р Љубомир Јаќовски.

Во месец април 1993год., свечено е одбележана 40-годишнината од основањето и работата на оваа здравствена установа.Се одржа свечена седница и Симпозиум-”Актуелности во педијатриската пневмологија”.

Следната декада беше декада на големи промени.За време на овој транзициски период, неколку пати беше менуван највисокиот раководен кадар, но сепак, Институтот продолжи успешно да работи.Како и претходно така и денес, кога Институтот го води д-р Оливер Зафировски, педијатар и Афрдита Рамадани, дипл. економист, се вложуваат особени напори и ангажирање на сите вработени за постојано подобрување на условите за работа и се подобро пружање здраствена заштита на пациентите.

Согласно одлука на Владата на РМ од 26.12.2005 година, со трансформирањето на Градската општа болница, Институтот за белодробни заболувања кај децата беше промовиран во Јавна здравствена установа – Институт по белодробни заболувања кај децата-Козле, Скопје

Со денот на уписот во Судскиот регистер јавните здравствени установи ги преземаа вработените, просторот, опремата, средствата за работа и објектите во кои ООЗТ ги вршеа дејностите.
Со денот на уписот во Судскиот Регистер ( 31.01.2006 год.), ЈЗУ Институт по белодробни заболувања кај децата-Козле, Скопје и во Централен регистер на РМ ( 11.02.2006 год.) договорно ги презема вработените од РЗ-Заедничката стручна служба- во однос на нивната бројност и дејноста што ја вршат за Институтот.

Донесувањето на Статутот, изборот на членовите на органот на управувањето и именувањето на директор се извршија во период од 6 месеци од денот на записот во Судскиот регистер.